Текстот кој Игор го напиша за искуствата при неговата прва посета на Перу, беше објавен во неделникот „Форум“ - како репортажа со наслов „Перу е вистинскиот предизвик“(дел 1) и „Перу, фантастични 700 метри (дел 2)“
|
Генерален покровител на алпинистичките искачувања во Перу, Доломитите(Италија) и Пакленица(Хрватска) во 2008г.
„Перу е вистинскиот предизвик“ (дел 1)
Многу работи во последниве неколку години ми се случуваат некако речиси неочекувано. Како некој да ме поместува како фигура на шаховска табла. Порано планирав да направам ова, да направам тоа, оваа планина и насока или онаа, што ќе следува потоа... Сé беше “испланирано”. Но долг период оставам во мене само да постојат некои соништа и оставам Бог едноставно да ги направи реалност во моментот кога навистина треба да се случат. Истото се случи и со ова патување во Перу.
Секој алпинист, верувам, има свои соништа поврзани со планините во оваа земја. Многу од нив се вистински магнет: Хуаскаран, Алпамајо, Артесонраху, Окшапалка, Чакрараху, Есфинге, Кајеш... Може ли воопшто некоја да се прескокне. Секоја од нив има по неколку фантастични алпинистички насоки кои се голем предизвик.
На почетокот на минатиот месец Македонскиот авиотранспорт (МАТ) стана нов партнер во нашите алпинистички експедиции. Нивното генерално покровителство се однесува не само на искачувањата во Перу, туку и на патувањата во Доломитите во Италија и Пакленица во Хрватска во текот на август и септември каде ќе се качуваме заедно со мојата сопруга Весна.
Оваа година со Весна прославуваме 10 години алпинизам и среќни сме што добивме честитка за нашата досегашна работа од еден од доајените на македонскиот алпинизам - Јован Попоски. Тој беше водач на македонските експедиции на Еверест во 1989 г., на Манаслу во 1986 г., на Памир во 1984 г. и на Андите во 1982 г., но има учествувано и во уште многу други искачувања со голема спортска вредност. Неговата порака до нас беше: “Ви ја честитам 10-годишнината и се радувам што постоите во македонскиот алпинизам. Вие сте еден од столбовите на алпинизмот во Македонија денес - со вистинско разбирање за алпинизмот, со здрав однос кон алпинизмот, со слободен, истражувачки, активен, креативен и сериозен приод кон алпинизмот...” Горди сме на оваа порака. Со Јове ја качив мојата прва алпинистичка насока кога почнував да се искачувам во 1998 г. Тој е сè уште многу активен и го имаме секако како пример за тоа како треба да работиме и живееме алпинизам.
Во Перу заминав со канадскиот алпинист Џован Готиер со кого минатата година заедно се качуваваме на локалитетите во Њујорк и Њу Хемпшир. Качувавме многу добро заедно и уште тогаш се роди идејата заедно да заминеме за Перу каде тој веќе бил неколкупати претходно. Сепак, без поголем притисок, како што споменав и на почетокот, оставивме работите сами некако да се наместат и, ете, се случи тој “вистински” момент да биде оваа година, на крајот на мај.
ПРВИТЕ СЛИКИ ОД ПЕРУ
Верувам дека секој човек кој знае малку повеќе за историјата на оваа земја - која во најголем дел е поврзана со цивилизацијата на Инките - во Перу гледа нешто можеби мистично и секако го привлекува да го посети тој дел од светот. Не можев да претпоставам дека ќе бидам толку многу шокиран од нешто што не знаев дека постои во толку силен интензитет. Сликите кои сум ги гледал од туристичките места во Перу со целиот свој колорит, а секако многу повеќе и приказните за алпинистичките искачувања кои целосно биле сконцентрирани само околу искачувањата, воопшто ме немаа подготвено за вистинската слика за Перу.
Навистина бев потресен од сиромаштијата и бедата во која живее населението. Од градот Лима во кој слетавме, до градот Хуараз кој е основа за сите искачувања во Кордилера Бланка патувавме со автобус околу 7 часа. Имав можност да ги набљудувам населените места покрај патот - од пустинските крајбрежни делови, па сè до селата во високите планини. Бев навистина воодушевен од тоа што го гледам. Не можев да верувам во сликите - живеалишта од кал, трски и бамбус, прашливи патишта полни со дупки, тешка миризба од стари дизел мотори и што ли уште не... Исто така бев и лут - иако не знаев кому да се лутам поради ситуацијата на овие луѓе. Веројатно човек се навикнува на сето тоа по некое време и тие работи му стануваат некако нормални. Од друга страна, сите беа многу гостопримливи и добри со нас - имаа многу убави и искрени насмевки и се трудеа нашиот престој да биде што попријатен.
ХУАРАЗ
Градот се наоѓа на 3.000 метри надморска височина и е база за сите искачувања. Од таму со автомобил, такси или со мали комбиња се стигнува многу брзо во секој дел од Кордилера Бланка. Сепак, и тука многу се чувствува загаденост во воздухот, особено од старите камиони и автомобили кои во најголем дел се такси-возила кои постојано свиркаат и на тој начин ги повикуваат патниците. Воздухот е толку загаден, што кога се качивме на 4.200 метри на првиот локалитет, на таа висина чувствувавме како да има повеќе кислород отколку долу во градот.
Во градот се сместивме во куќа која ја најде наш пријател, исто така алпинист од Канада кој беше пред нас пристигнат таму. Жителите често издаваат соби и куќи на странци со цел да заработат нешто дополнително, бидејќи колку и да се тоа малку пари (најдовме сместување за околу 20 долари од човек за еден месец), за нив се многу. Притоа често целата фамилија потоа се сместува во некој многу мал простор додека “кираџиите” не си заминат...
Хуараз има околу сто илјади жители. Нема некои поголеми знаменитости, освен централниот дел каде што има мал парк и неколку поголеми католички цркви. Најголем впечаток ми остави пазарот и околните улички. Најчесто во нив продава населението од околните села - Кичуа луѓето. Нивниот начин на облекување е навистина колоритен и кога влегувате во пазарот, се чини како да влегувате во еден интересен свет на бои во кои преовладуваат силни розови, црвени, виолетови и портокалови бои.
Исто така, имав среќа што токму во еден од тие денови имаше и парада, т.е. претставување на Кичуа луѓето од разни области околу Хуараз. Тие поминуваа низ главната улица во Хуараз придружувани од нивната музика со карактеристични инструменти, играјќи... Навистина интересно. За жал, таму со себе ја имав само мојата видеокамера и немам фотографии. Тоа беше единствена можност да се фотографираат и снимаат овие луѓе кои вообичаено, веднаш штом ќе видат како некој “гринго” вади камера, се кријат во своите дворови или се наведнуваат со главите надолу криејќи се под шеширите кои ги носат...
Во периодот кога ние пристигнавме, имаше малку “грингоси”, како што локалното население ги нарекува странците. Тој период е генерално почеток на сезоната и планините сè уште се во процес на чистење од вишокот снег на нив со лавини и многу планини сè уште не се безбедни или, пак, има толку снег што не може ниту да се стигне до нив, до базните кампови.
Од тоа што е најзабележително, најчест бизнис се локалите каде што има интернет пристап, каде што се нудат телефонски услуги и, секако, агенции кои изнајмуваат опрема и нудат водичи. Јас овде бев прв пат, но во разговори со луѓе кои овде доаѓале повеќепати, дознав дека само во последните неколку години всушност сè повеќе млади Перуанци почнуваат сериозно да се искачуваат и да стануваат водичи, секако поради слабата економија од една страна, а од друга страна и поради големата посетеност на Хуараз од страна на трекери, планинари и алпинисти кои секогаш имаат потреба или од водич или од некој дел од опремата. Имав можност да се качувам околу градот со некои од локалните жители. Карактеристично беше дека генерално слабо се продава опрема и сите се зачудени кога бараш да купиш нешто. Обично алпинистите пред да заминат дома продаваат дел од својата опрема на овие агенции, кои потоа истата ја изнајмуваат на други и тоа е за некои добар бизнис...
Во Хуараз пристигнавме ноќе и следното утро кога тргнавме на појадок (јадевме само во места кои се проверено безбедни од аспект на хигиената, што е многу важно бидејќи често странците имаат стомачни проблеми ако не внимаваат на исхраната), подзинав од погледот што се простираше кон планините околу градот. Од едната страна беа не толку атрактивните Кордилера Негра, но од другата страна воодушевувачки поглед кон дел од предизвикувачките Кордилера Бланка. Сè уште поспан, кога ги видов за прв пат овие планини кои се речиси на дофат од градот и сите над 5.000 метри надморска височина, со стрмни страни кои сјаеја на сонцето, мислам дека очите ми беа ширум отворени долго време - веднаш се расонив и веднаш почнавме да зборуваме што побрзо да заминеме кон нив.
Продолжете кон вториот дел овде >>>>
|
Текстови поврзани со овие искачувања:
- „Перу е вистинскиот предизвик (дел 1)“,
- „Перу, фантастични 700 метри (дел 2)“,
- Кордилера Бланка - планините во Перу
Галерии
- Патувањето во Перу и градот Хуараз,
- Насоките на Хатун Мачај (4200м),
- Ла Есфинге (5325м)
Други искачувања ова лето:
- Пакленица (Хрватска),
- Доломити (Италија)
|